Завршен настан на проектот „Оспособување на жените погодени од конфликтот“ – Над 250 жени ги подобрија можности за вработување, Скопје, 6 мај 2014 година

Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) одржа завршен настан од проектотОспособување на жените погодени од конфликтот (ОЖП), на 6 мај 2014 година, во хотелот Холидеј ин во Скопје.

На настанот без присутни и дел од учесничките во проектот. Во текот на спроведувањето, тие имаа можност да учествуваат на обука низ работа, на обуки за вештини, учеа да работат со компјутери, го подобруваа знаењето на англискиот јазик, вештините за претприемништво и администрација итн. Над 20 од нив во текот на програмата засноваа работен однос.

Целта на ОЖП беше да се поддржи пристапот на жените од регионите погодени од конфликтот до пазарот на трудот.

Пред да ги започне активностите, МЦМС спроведе студија за состојбата со понудата и побарувачката на трудот во седумте општини со директни разговори со 277 жени и 47 претпријатија.

За 18 месеци, колку што траеше спроведувањето, проектот ги подобри можностите за вработување на 274 жени од општините Теарце, Јегуновце, Желино, Липково, Чаир, Сарај и Маврово и Ростуша, како и од нивните соседни општини и урбани центри.

Вкупно 104 жени стекнаа работно искуство благодарение на обуката низ работа што се спроведуваше во 41 претпријатие, а 65 жени учествуваа во курсеви за занимања. Ова овозможи, досега, да се вработат повеќе од 20 жени. Очекувањето на МЦМС и партнерите се дека таа бројка во следниот период ќе расте.

Покрај обуката низ работа, 46 жени стекнаа вештини за работа на компјутер, а 114 жени го подобрија знаењето на англискиот јазик, 45 жени учествуваа на обука за подобрување на вештини за вработување, претприемништво и администрација. Покрај ова, за 125 учеснички во програмата беа подготвени 125 планови за личен и професионален развој.

Партнер организации на МЦМС во спроведувањето на проектот беа Флоренс Најтингел од Куманово, Инцијатива за европска перспектива од Скопје и Рекански бисер од Маврово и Ростуша.