Завршна конференција на ИПА Проектот „Поддршка на модернизацијата на системот за постсредно образование”

Министерот за образование и наука, г-дин Пиштар Лутфиу , денес учествуваше на завршниот настан за ИПА Проектот „Поддршка на модернизацијата на системот за постсредно образование”.

„Афирмирањето на доживотното учење, бара раз¬вој на културата за учење на индивидуално и институционално ниво, во сите сфери на јавниот и приватниот живот, а токму инвестирањето во постсредното образование овозможува зголемување на привлечноста за професионално, континуирано усовршување и развивање.”, нагласи Лутфиу.

Постсредното образование им нуди можност на младите луѓе да ги надградуваат нивните професионални и технички вештини, односно да се стекнуваат со квалификации кои се барани на пазарот на трудот. Но, исто така ваквите можности се отвараат и за возрасните лица во насока на нивна поголема вработливост како и за развивање на нови вештини и квалификации соодветни на постојаните промени на пазарот на трудот.

Министерот Лутфиу, во своето обраќање, го истакна значењето на секторскиот начин на работа при реализација на овој твининг договор, што подразбира успешна координација на сите релевантни чинители.

“Се надевам дека зајакнатата соработка меѓу Министерството за образование и наука, Центарот за стручно образование и обука, Центарот за образование на возрасни, Бирото за развој на образованието како и стручните училишта и провајдерите за обука на возрасни и понатаму ќе продолжи да се унапредува.”, рече Лутфиу.

Проектот започна во август 2016 година и за предвидениот шест месечен период, во соработка со Образовниот истражувачки институтот од Република Полска, Министерството за образование и наука успешно ги реализираа предвидените излезни резултати.

“За крај, дозволете да истакнам дека во соработка со Делегација на Европска унија, во рамки на подготовката на стратешки документи за ИПА 2, работиме кон обезбедување претпристапна помош за понатамошна модернизација на системот за постсредно образование.” , додаде министерот Лутфиу.