ЕУ поддршка за развој на социјалното претприемништво

Во петок, 7 април 2017, во 13.30ч во просториите на ЕУ Инфо Центарот, се одржа промоција на дел од активностите на проектот Поттикнување на социјалното претприемништво (проект финансиран од ЕУ, ИПА Компонента 4 )

Европската Унија продолжува со поддршка на развојот на социјалното претприемништво во земјата. Генерална цел на проектот Поттикнување на социјалното претприемништво е подобрување на инклузивноста на пазарот на трудот со создавање на можност за отворање на нови работни места преку стимулација на социјално економските иницијативи. Покрај активностите насочени кон зајакнување на капацитетите за имплементација на законодавството за социјално претприемништво и создавање на поволен еко систем за социјални претпријатија, предвидена е и поддршка на веќе формираните социјални бизниси или иницијативите во формирање.

Организациите: Помош за хендикепирани и сиромашни, Црвен крст, Арно, Солем, Љубезност, Мисла, Банка за храна, Астарта, Албиз, Форум 16, Културна ризница и Сонце ќе бидат поддржани во текот на имплементацијата на проектот.

Подигнувањето на свеста за социјалното претприемништво е првиот чекор, каде клучна улога имаат владините тела на сите нивоа, невладиниот сектор и приватниот сектор. Ниското ниво на информираност на оваа тема е првата пречка за „здрав“ равој на социјалното претприемништво и заедницата на социјални претпријатија.

И покрај предизвиците и потешкотиите со кои се соочуваат, потенцијалот на локалните невладини организации е голем. Важно е да се напомене дека овие организации работат со многу ограничени финансиски и инфраструктурни ресурси. Нивните напори да воведат и развијат социјални иновации во системот се од исклучителна важност. За жал, само мал број од нив имаат развиено претприемнички активности. Покрај можностите за водење на економски активности од страна на НВО и кооперативи, не постои друга правна форма за активности од овој тип, т.е за социјални претпријатија. Од друга страна постои силна потреба да се смени пасивниот систем на социјална помош и да се воведе поактивен систем , да се создаде нова генерација на институции кои се нарекуваат социјални претпријатија за работна интеграција кои ќе овозможуваат услови за работни обуки на ранливите категории на граѓани. Важно е да се создадат социјални претпријатија кои ќе даваат услуги од јавен интерес од областа на здравствена заштита, психолошка поддршка, грижа за менталното здравје, образвание и обуки итн. При тоа треба да се внимава да се почитува една од главните карактеристики на социјалното претприемништво – дека заработката мора да се реинвестира во организацијата за цел од јавен интерес или за креирање нови работни места за лицата од ранливата категорија.

Проектот е имплементиран од EPTISA SOUTHEAST EUROPE d.o.o. (RS) во конзорциум со OSB Consulting GmbH (AT), Expertise France (FR) и EPTISA Servicios de Ingenieria (ES), во партнерство со Министерство за труд и социјална политика.