Дваесет обучени претставници на граѓанскиот и јавниот сектор за креирање онлајн курсеви и современа онлајн едукација

На 29ти и 30-ти јуни 2017 во просториите на ПСМ Фондација во Скопје, се одржа обука за обучувачи за креирање онлајн курсеви, менторирана од експерт, претставник на Фондација „Футуре 21“. Обуката ја следеа 20 претставници на организации од граѓанскиот и јавниот сектор во најголем дел од Скопје, но и од други градови од земјата, кои во иднина ќе работат во бесплатната онлајн платформа каде и самите ќе креираат онлајн курсеви за потребите на своите корисници.

За време на дводневната обука учесниците соработуваа учејќи ги клучните инструменти на платформата, креирајќи пилот-курс на практичен начин и вмрежувајќи се преку нивните новокреирани профили. При евалуацијата истакнаа дека презентираните инструменти и воопшто онлајн платформа ќе овозможи квалитетно е-учење за корисниците и елиминација на територијалната бариера во неформалното образование и едукација за младите лица.

ПСМ Фондација го предводи проектниот конзорциум, чиј дел е и Фондација „Футуре 21“, ЗИП Институт и РОЖМ „Даја“, а го имплементира проектот „Интегрирање на етничките малцинства на пазарот на трудот преку поттикнување на нивниот потенцијал за вработување“ финансиран од Европската унија. Обуката е дел од финалните проектни активности, кои започнаа во декември 2015-та година, а траат до август годинава.

Меѓу клучните проектни достигнувања се 5-те регистрирани стартап компании и повеќе од 370 млади луѓе и жени од различни етнички заедници, кои се стекнаа со квалификации за зголемена компетитивност на пазарот на трудот преку низа обуки за ИТ вештини, деловен англиски јазик, започнување сопствен бизнис, како и кариерно советување.