Завршна конференција на проектот финансиран од ЕУ ,,Поттикнување на социјално претприемништво”

На 7-ми ноември 2017 година во хотел Континентал во Скопје се одржа завршната конференција на проектот ,,Поттикнување на социјално претприемништво”, финансиран од ЕУ. На настанот присуствуваа повеќе од 200 учесници – претставници од јавни инситуции, граѓански организации и социјални претпријатија, финансиски институции, меѓународни организации, амбасади, приватен сектор и академици.

На конференцијата беа претставени резултатите и постигнувањата на проектот. Г-ѓата Мила Царовска, Министерка за труд и социјална политика, го одржа главниот поздравен говор во којшто ја потврди посветеноста на Министерството за развој и зајакнување на социјалното претприемништво во земјата. На двете панел дискусии беа дадени примери за социјално претприемништво во регионот и беа презентирани придобивките од развојот на секторот за ранливите категории и општеството. Учесниците имаа можност да присуствуваат и на една од петте работилници коишто беа организирани во текот на денот, на различни теми како што се: подготовка на Закон за социјално претприемништво во земјата, партнерства за вклученост и вработување, младите и социјалното претприемништво, центри за поддршка на социјални претпријатија и за финансирање на социјалните претпријатија.

Проектот ,,Поттикнување на социјално претприемништво” е финансиран од ЕУ и беше имплементиран од конзорциум предводен од Ептиса Југоисточна Европа доо во соработка со корисникот на проектот – Министерството за труд и социјална политика. Времетраењето на проектот беше 18 месеци (од мај 2016 до ноември 2017). Целта на проектот беше да се подобри вклученоста на пазарот на труд преку создавање на нови работни можности преку охрабрување на социјалните економски иницијативи.

За да се постигне целта, проектот работеше на развој на политики и стратешки предлози за зајакнување на еко-системот на социјалното претприемништво во земјата, беа дадени препораки за правно зајакнување и развој во секторот, беа одржани обуки за социјално претприемништво на јавните институции, локалните засегнати страни и граѓанските организации, и се подигна свеста кај финансиските институции со цел да се вклучат во развојот на финансиски алатки коишто ќе бидат достапни за социјалните претпријатија. Исто така, проектот покрена и образовна иницијатива и активности за да се стимулира учеството на младите во социјалното претприемништво, и 20 млади лица земаа учество во менторската програма на работното место за социјално претприемништво.

Покрај тоа, проектот исто така директно работеше со 12 постоечки социјални претпријатија коишто беа избрани по пат на јавен повик. Дванаесетте поддржани организации се следните: Помош за хендикипирани и сиромашни, Албиз, Арно, Астрата, Банка за храна, Форум 16, Љубезност, Културна Ризница, Мисла, Црвен Крст Скопје, Солем и Сонце. Преку великодушната поддршка на Европската Унија, 12-те социјални претпријатија добија обуки и индивидуална поддршка во повеќе области коишто се од голема важност за развој и зајакнување на нивните активности.

Прилагодената програма вклучуваше 4 работилници за обука, индивидуално менторирање и поддршка од искусни професионалци коишто им асистираа на 12-те социјални претпријатија во подготовката на индивидуални бизнис стратегии, бизнис планови, финансиски планови, маркетинг планови и маркетинг материјали. Тие исто така добија поддршка и обука за подготовка на предлози за проекти. Со подобрувањето на стручноста на социјалните претпријатија во овие области, проектот ја постигна својата цел да ги зајакне постоечките социјални претпријатија да ги спроведуваат своите активности и по завршувањето на проектот.