Свеченост за доделување на сертификати, Скопје, 23.11.2017

Вкупно 55 сертификати за успешно завршениот циклус на обуки за „Управување со грантови“ и вкупно 50 сертификати за успешно завршениот циклус на семинари за „Лидерство и управување на проекти“ беа доделени за време на Свеченоста за доделување на сертификатите што се одржа на 16.11.2017 година во хотел „Континентал“ во Скопје.

Свеченоста за доделување на сертификатите всушност беше средишниот дел од целодневниот завршен настан со кој се обележа успешната завршница на проектот Техничка помош во управување и мониторирање на проекти од грантовата програма „Поттикнување на социјална инклузија“ EuropeAid/132633/C/SER/MULTI. Настанот го отворија ИПА Координаторот во МТСП, г-а Александра Славкоска, и Раководителот на Одделението за мониторинг и евалуација на ИПА во МТСП, г-а Анкица Ивановски.

На присутните над 100-тина изведувачи, засегнати страни и корисници на 38-те грантови проекти од 2-та грантова програма „Поттикнување на социјална инклузија“ EuropeAid/135012/M/ACT/MK и од 3-та грантова програма „Социјална инклузија и вработување на локално ниво“ EuropeAid/136315/ID/ACT/MK, лично им се обратија Министерот за труд и социјална политика, г-а Мила Царовска како и Раководителот на Одделот за оперативни работи 2 при Делегацијата на ЕУ, г-а Вирве Вимпари. Тие исто така доделија и неколку почесни сертификатите на помладите и повозрасните учесници на обуките и семинарите.

 Утринската сесија од завршниот настан беше резервирана за тркалезна маса на тема „Извлечени поуки од спроведување на проекти за социјална вклученост“. Со дискусијата беа опфатени шест клучни аспекти на социјалното вклучување на ранливите луѓе: иновативни приоди во поврзување на различните ранливи заедници, оснажување на жените Ромки за вклучување на пазарот на трудот, оснажување на младите за вклучување на пазарот на трудот, одржливи придобивки за засегнатите страни, ставот на работодавците во однос на поттикнување на социјалната вклученост, и конечно, локални постигнувања преку меѓународна соработка. Тежина на целата дискусија дадоа и личните сведоштва од корисниците и засегнатите страни на проектите.

Над 30 проекти од обете грантови програми ја искористија можноста да уредат штандови и да се претстават себеси како и своите изминати, тековни и идни проекти на саемот на проекти којшто се одржа во состав на попладневната сесија од завршниот настан. Ова беше навистина ретка прилика за вмрежување на корисниците на грантовите, при што тие можеа да си ги промовираат своите организации, да осмислат и разработат можни идеи за нови проекти, како и да изградат нови партнерства.

За проектниот тим кој во изминатите две години несебично се посвети на спроведување на проектот за техничка помош, г-а Марија Маринаку, тим лидер и виш експерт, г-а Андреја Тонч, експерт за ЕУ грантови, и г. Радомир Трајковиќ, помошник тим лидер, завршниот настан беше повод за силни, но помешани чувства. Иако во одредена мера растажени поради разделбата од своите пријатели и колеги после двегодишна секојдневна комуникација и интензивна соработка, проектниот тим воедно беше и среќен и горд што го гледа степенот на едукација, стручна надградба, организацискиот развој и личниот раст што го остава зад себе како оставина на проектот за техничка помош.