Евалуација на обезбедената финансиска поддршка за реформи во доживотното учење, посебно стручното образование и обука и образование на возрасни со препораки за идна помош

 

Буџет: Вкупниот буџет на проектот е  132.663 € (глобална цена)

Период: Период на имплементација – 5 месеци

Корисник: Министерство за образование и наука

Партнери во имплементација: Арс Прогети СПА Конзорциум, Италија / Аркидата Срл, Италија

 

1. Вовед

Повеќегодишната Оперативна програма “Развој на човечките ресурси 2007 – 2013” (ОП РЧР) е моментално најважниот документ кој се однесува на тековната финансиска поддршка на Европската Унија (ИПА) во областа на образованието и обуката. Стратешка цел на овој документ е да се поттикне развојот на човечките ресурси, фокусирајќи се на повеќе и подобри работни места, што исто така ќе помогне и за растот и конкурентноста на земјата. Програмата се фокусира на три приоритетни области: ( 1 ) вработување , (2) образование и обука и (3) социјална вклученост. Областа на образованието и обуката е понатаму поделена на три под-приоритети: (а) модернизација на системот на стручно образование и обука, (б) зајакнување на системот на образование за возрасни и (в) поддршка за еднаков пристап до квалитетно образование. Во минатото имало многу инвестиции во оваа област и треба да се осигура дека овие инвестиции, вклучувајќи ги и твининг проектите во стручното образование и образование на возрасни кои тукушто се финализирани, ќе доведат до значителни и одржливи реформи.
Евалуацијата на поранешната и тековната помош во оваа област, која ќе се спроведе во име на Министерството за образование и наука (МОН) ќе помогне да се процени влијанието на минатите и тековните активности и нивната одржливост во однос на инвестираните ресурси и капацитетите на институциите корисници.

2. Цели на евалуацијата

Општата цел на оваа задача е да се поддржи процесот на ефективно програмирање, имплементација, мониторинг и евалуација на Оперативната Програма за Развој на Човечките Ресурси со акцент на Приоритетната оска 2 “Образование. Во рамки на оваа општа цел, евалуацијата треба особено да помогне со одговори на прашањата: дали спроведените активности беа насочени кон идентификуваните потреби  во областа на доживотно учење, стручно образование и образование на возрасни, дали очекуваните резултатите се постигнати, кои се научените лекции и кои се добрите практики. Понатаму, евалуацијата ќе даде јасни препораки како имплементацијата на програмата во областа на доживотното учење, стручното образование и образование на возрасни може да постигне максимални резултати во иднина.

3. Активности на евалуацијата

Со цел да се одговори на прашањата на евалуацијата ќе се спроведат следниве три активности во рамки на проектот:

  • Активност 1:

Мапирање и сумирање на обезбедената финансиска помош во областа на доживотното учење, посебно стручното образование и обука и образованието на возрасни

Во рамки на оваа активност ќе бидат идентификувани и анализирани сите релевантни програми кои се спроведени во земјата последните години со поддршка на другите земји и меѓународните организации во областа на доживотното учење, стручното образование и обука и образование на возрасни. Наодите од оваа активност ќе бидат презентирани во извештај за мапирањето.

  • Активност 2:

Спроведување евалуација на обезбедената финансиска помош во областа на доживотното учење, посебно стручното образование и обука и образованието на возрасни

Во рамки на евалуацијата ќе се изврши детална анализа на репрезентативен примерок на програми кои се спроведувале во земјата со цел да се извлечат заклучоци и препораки за идните програми кои треба да се спроведат во областа на доживотното учење, стручното образование и обука и образованието на возрасни. Релевантните критериуми за оценување на избран примерок од програмите ќе бидат релевантноста и квалитетот, ефективноста и ефикасноста, влијанието, одржливоста и придонесите за поставените хоризонтални приоритети.

  • Активност 3:

Изготвување на Оперативен документ за идниот развој на институционалната поставеност во секторите за стручно образование и образование на возрасни

Во прилог на препораките од евалуацијата со осврт на идните стратегии, програми и проекти во областа на доживотното учење, стручното образование и обука и образованието на возрасни, и врз основа на наодите од евалуацијата, проектот особено ќе се фокусира на иднината на структурите кои се создадени во тековниот период на ИПА финансирање во стручното образование и обука и образование на возрасни. Резултатите од Активноста 3 ќе бидат сумирани во посебен Оперативен документ.

4. Времетраење на евалуацијата

Евалуацијата ќе започне на 13ти јануари 2014 година со подготвителна фаза во која ќе се собираат и структуираат сите релевантни информативни материјали и мониторинг податоци. Во втората фаза ќе се спроведат сите евалуациски и аналитички задачи. Проектните активности ќе завршат на 12ти мај 2014 година со поднесување на извештај од евалуацијата до Министерството за образование и наука (МОН).